Франција побара од ЕУ да ги принуди сите свои членки да преземат одреден број од мигрантите што пристигнуваат на европска почва.

Зборувајќи за „Франс интер“ во средата, францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, истакна дека прашањето на миграцијата може да се реши само на европско ниво и дека секоја земја во ЕУ мора да го дели товарот за доаѓањето на мигрантите од третиот свет.

Ние, сепак, сакаме европска солидарност. Нема причина зошто само Италија, Франција и Германија да ја делат оваа солидарност со Грција – изјави Дарманин.

Францускиот министер ги даде своите забелешки непосредно пред официјален Брисел да обелодени дека задолжителниот механизам за солидарност ќе биде дел од плановите за наметнување европски систем за азил и миграција на секоја земја во ЕУ.

Новиот план, технички, нема систем за задолжително прераспоредување, што е главна точка на расправија за земјите како Унгарија и Полска, кои не сакаат да станат мултикултурни држави по калапот на Франција и Германија, сепак, деталите во рамките на предлозите сугерираат дека Брисел планира на „мала врата“ да им ги префрли мигрантите на државите што не ги сакаат.

Земјите што одбиваат да ги примат мигрантите директно ќе бидат принудени да покажат солидарност преземајќи одговорност за враќање на илегалните имигранти во нивните татковини.

Меѓутоа, ако депортациите не бидат успешно извршени, а невладини организации за миграција и адвокати се покажаа многу ефикасни во спречување на тие депортации, владата што треба да ги спроведе враќањата ќе биде казнета со тоа што ќе мора да ги прими мигрантите.

И покрај големата француска загриженост дека масовната миграција ја прави земјата многу понасилно и поопасно место за живеење, владата инсистира да се прими голем дел од постојаниот прилив на нелегални мигранти.

Локалните медиуми на Малта во средата објавија дека голема група мигранти е пренесена во Франција, а уште стотици треба да бидат пренесени таму во следните неколку недели. Брод на невладина организација управуван од германската група за кампања за отворени граници „Си ај“ во моментот плови кон Марсеј со 125 нелегални имигранти кога Италијанците одбија да го пуштат бродот да се закотви.

Зборувајќи од име на Мишел Рубирола, екстремно левичарската градоначалничка на Марсеј, која е од зелената партија, заменик-градоначалникот Беноа Пајан изјави дека Марсеј е подготвен да ја прими последната група мигранти.

Иако француската влада е дарежлива во понудата на средства од даночните обврзници за сместување и хранење на неограничениот прилив на мигранти од Африка и од Блискиот Исток, многу од новодојденците ќе сакаат нелегално да влезат во Велика Британија кога ќе пристигнат во Франција.

Стотици мигранти секој ден нелегално го преминуваат Ла Манш кон Велика Британија, а последните официјални податоци покажуваат дека повеќе од 6.400 дошле со брод досега годинава – повеќе од тројно повеќе од бројот регистриран во 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.