Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен, предупреди дека ЕУ може да го запре понатамошниот извоз на вакцини за корона вирусот.

Ваквата реракција на шефицата на ЕУ, доаѓа откако Италија ја запре пратката за Австралија.

Тоа не беше еднократна одлука – вели Фон дер Лејен за деловниот весник „Виртшафтсвоче“.

Минатата недела Италија соопшти дека го блокирала извозот на 250.700 дози од вакцината на  „АстраЗенека“ наменети за Австралија, посочувајќи дека има недостиг од вакцини во Европа,а истовремено Австралија нема итна потреба од нив.

Бранејќи ја одлуката на Италија, Фон дер Лејен изјави дека „АстраЗенека“ испорачала помалку од 10 проценти од тоа што Унијата порачала за периодот од декември до март.

Европската комисија ја критикуваше англо-шведската компанија за неуспехот да го исполни својот распоред за испорака до ЕУ, истовремено доставувајќи ја сета нарачка за Велика Британија.

Според шемата на ЕУ, компанија што сака да извезува надвор од Унијата треба да аплицира за дозвола до националната влада, која одлучува по консултација со Комисијата.

Портпаролот на канцеларката Ангела Меркел, Штефен Зајберт минатата недела истакна дека ЕУ снабдува вакцини за целиот свет, за разлика од земји, како што се на пример САД.

Ние стоиме зад овој европски пристап, кој се разликува од американскиот, кога станува збор за производството – изјави Зајберт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.