Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Европската Унија мора да размисли за задолжителна вакцинација на населението како одговор на ширењето на високо заразниот нов вид на Ковид-19 низ Европа.

Мојот личен став е дека мислам оти е разбирливо и соодветно да ја имаме оваа дискусија во моментов. Како можеме да поттикнеме и потенцијално да размислуваме за задолжителната вакцинација во Европската Унија? За ова треба да се разговара. За тоа е потребен заеднички пристап, но мислам дека тоа е дискусија што ќе треба да ја водиме сите. Имаме вакцини, вакцини кои спасуваат животи, но не секаде се користат на адекватен начин. И ова чини пари. Ова е огромен здравствен трошок – изјави фон дер Лајен, нагласувајќи дека една третина од 450 милиони жители на ЕУ се уште не се вакцинирани.

Таа нагласува дека целосната вакцинација и бустер дозите на граѓаните им ја даваат најсилната заштита до сега од Ковид-19 во ситуација на двојна опасност – четвртиот бран на пандемијата и појавата на сојот омикрон.

СЗО вели дека новиот вид Омикрон е со висок ризик. Сè уште не знаеме доволно за тој вид, но знаеме толку многу што можеме да бидеме загрижени. Очекуваме за 2 до 3 недели да добиеме доволно информации за новиот вид, а дотогаш ќе имаме трка со времето што треба да ја користиме за вакцини и бустери – додаде Лајен.

Претседателката на ЕК најави дека ЕУ до крајот на март ќе добие дополнителни 360 милиони дози на вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, што, според неа, е доволно за бустер доза на сите вакцинирани Европејци.

Таа додаде дека истовремено, во договор со „Фајзер“ и „Модерна“, работат на забрзана испорака на вакцини за деца, кои во ЕУ треба да бидат достапни од 13 декември.

Во случај постоечките вакцини да немаат доволна заштита кога станува збор за новиот вид на вирусот Омикрон, Урсула фон дер Лајен наведува дека на научниците им се потребни околу 100 дена за да ги прилагодат вакцините за новата мутација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.