Договорот меѓу владите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија за стратешко партнерство во областа на енергетскиот развој и транспортот ќе ги поврзе двата брега на Црното Море и би можел да транспортира електрична енергија во Молдавија, Западен Балкан и Украина, изјави денеска во Букурешт претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Лидерите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија денеска во Букурешт потпишаа договор за транспорт на чиста енергија преку подводен електричен кабел во Црното Море од Азербејџан до Европа.

Со оглед на актуелниот безбедносен контекст обележан со рускиот напад врз Украина, треба да воспоставиме подобра соработка и да покажеме поголема солидарност за да ги ублажиме заедничките проблеми, истакна романскиот претседател Клаус Јоханис на состанокот на кој присуствуваше и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Таа посочи дека стратегијата на ЕУ е да се откаже од руските фосилни горива и да се сврти кон чисти извори на енергија со доверливи енергетски партнери.

Европската унија успеа да го компензира намалувањето на рускиот гас. Но, не зборуваме само за управување со новата геополитичка ситуација. Станува збор за создавање иднина за нас во однос на чисти, достапни и безбедни извори на енергија, а тоа се облици на обновлива енергија, нагласи Фон дер Лајен.

Според неа, ЕУ е подготвена да обезбеди финансиска поддршка за тој проект откако ќе се направи физибилити студија.

Претседателката на ЕК истакна дека овој проект ќе ги поврзе двата брега на Црното Море и пошироко со регионот на Каспиското Море, како дигитално, така и енергетски, а електричниот кабел под Црното Море нуди повеќе можности.

Овој проект може да донесе значителна корист за Грузија. Тоа може да ја претвори земјата во центар за електрична енергија и да ја интегрира на пазарот на електрична енергија на ЕУ. Кабел под Црното Море би можел да пренесува струја до нашите соседи во Молдавија и во Западен Балкан, а секако и до Украина. Ова ќе помогне во обновувањето на украинскиот енергетски систем и обновувањето на земјата, нагласи Фон дер Лајен.

Договорот предвидува електричен кабел со должина од 1.100 километри и моќност од 1.000 MW да минува под Црното Море, од Азербејџан до Романија, како дел од напорите на ЕУ да ја замени енергијата што ја добиваше од Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.