Европската комисија ги казни германските производители на автомобили „Фолксваген“ и „БМВ“ со вкупно 875 милиони евра поради здружување во картел со цел да ја спречат конкуренцијата во технологијата за прочистување на азотни оксиди од издувните гасови на дизел моторите.

Во картелот биле пет производители на автомобили: „Дајмлер“, кој произведува „мерцедеси“, „БМВ“ и „Фолксваген“, „Ауди“ и „Порше“, кои се дел од групацијата „Фолксваген“.

„Дајмлер“ го откри пред Комисијата постоењето на картелот и беше целосно ослободен од казната. „Фолксваген“ е казнет со 502 милиона евра, а „БМВ“ со 373 милиони евра.

Петте производители располагаат со технологија, наречена Системи на селективно намалување на катализацијата (SCR), која ги прочистува издувните гасови со додавање на течна уреа во издувниот систем, наречена „AdBlue“, што го претвора азотниот оксид во безопасна вода и азот. Тоа се случува само ако се додаде доволно од таа „сина течност“.

Проблемот е во тоа што производителите со меѓусебен договор ја намалиле емисијата на штетни материи само за да ги задоволат минималните законски норми, иако имаат технологијата која овозможува значително намалување.

Со овој договор, тие ја елиминирале заканата дека нивните конкуренти ќе бидат подобри.

„Дајмлер“, „БМВ“, „Фолксваген“, „Порше“ и „Ауди“ одржуваа редовни технички состаноци во изминатите пет години за заеднички развој на СЦР системи за дизел патнички автомобили кои ги исполнуваат овие регулаторни барања на ЕУ.

Уште во 2007 година, ЕУ воведе минимални стандарди за емисии на азотни оксиди (т.н. „Еуро 5“ и „Еуро 6“ стандарди), кои се спроведуваат од 2009 година.

Ова е првпат Комисијата да казни картелско здружување засновано на технологија, а не на утврдување цени или споделување на пазарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.