Крадци вооружени со „калашников“ во средата упаднале во продавницата на луксузниот бренд „Шанел“ во Париз и одзеле стока вредна милиони евра.

Украдената стока била проценета на милиони евра, а кражбата била снимена со камера. Видеото се појави на социјалните мрежи.

Четворицата крадци, облечени во црни кожени костуми и со кациги се снимени како излегуваат од продавницата за часовници и накит на „Шанел“ која се наоѓа во трговска улица во центарот на Париз. Потоа тие го напуштаат местото со два мотоцикли, а најмалку еден од нив бил вооружен со автоматска пушка АК-47.


Како што може да се види и од снимката, тие сосема мирно си заминуваат од продавницата со полни торби, додека по улицата има и минувачи и сообраќај. Снимката од грабежот што се појави на социјалните мрежи ја направил еден од случајните минувачи, кој го гледал сето тоа од другата страна на улицата.

Продавницата е привремено затворена по грабежот, а обвинителството отвори истрага.

Интересно е што ограбената продавница е на само неколку чекори од Министерството за правда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.