Вашингтон пост, цитирајќи извори, објави дека некои документи што американското Федерално биро за истраги (ФБИ) ги пронашло за време на претресот во домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Флорида, содржат високо чувствителни разузнавачки информации за Иран и Кина.

Станува збор за тајни документи кои ја опишуваат разузнавачката работа поврзана со Кина. Исто така, барем еден од нив се однесува на ракетната програма на Иран. Објавувањето на информации од документите би донело повеќекратни ризици, вклучително и загрозување на луѓето кои ја помагаат работата на американските разузнавачки служби – објави американскиот весник цитирајќи експерти.

Министерството за правда истражува дали Трамп го прекршил законот земајќи владини документи откако ја напушти функцијата во 2021 година, вклучително и околу 100 доверливи документи што ги префрлил во својот имот на Флорида.

Исто така, се истражува дали Трамп или неговиот тим спречувале агенти од ФБИ испратени во неговиот дом.

Комитетот на американскиот Конгрес кој ги истражува минатогодишниот упад во Капитол официјално го повика Трамп да сведочи за настаните на 6 јануари 2021 година.

Вие бевте во центарот на првиот и единствен обид на кој било американски претседател да поништи избори. Знаевте дека оваа активност е незаконска и противуставна – се вели во поканата.

Според федералниот закон, непочитувањето на поканата од конгресната комисија за сведочење или предавање документи е прекршок, казнив со затвор од еден месец до една година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.