Американскиот потсекретар за политички прашања, Дејвид Хејл, повика на сеопфатна и транспарентна истрага за експлозијата во Бејрут.

Хејп најави дека, на покана на либанските власти, тим иследници на ФБИ ќе учествуваат во истрагата за експлозијата во која на 4 август загинаа речиси 180 луѓе, а беа повредени илјадници. Во истрагата ќе биде вклучена и Франција.

Сè уште не е јасно што ја предизвика експлозијата на речиси 3.000 тони амониум нитрат складиран во пристаниште во Бејрут. Се појавија документи што докажуваат дека највисоки владини претставници биле свесни дека во пристаништето е складиран опасен материјал .

Повеќето либански граѓани бараат истрагата да не ја водат либанските власти затоа што немаат доверба во спротивставените политички фракции и корумпираните политички елити.

Врвни либански претставници, како што е претседателот Мишел Аун, ги отфрлија предлозите за независни истраги, нарекувајќи ги губење време.

Во петокот, лидерот на моќниот Хезболах рече дека не верува во никакви меѓународни истраги, јасно осврнувајќи се на ФБИ. Хасан Насралах рече дека причината за експлозијата сè уште е нејасна, додавајќи дека секоја меѓународна истрага ќе ја отфрли вината на Израел за одговорноста за експлозијата.

Израел негираше каква било вмешаност во експлозијата и досега не се појавија никакви докази што би укажувале на вмешаност. Сепак, Аун, поддржан од Хезболах, изјави дека вклученоста на Израел е една од теориите што треба да се провери.

Хејл, во меѓувреме, ја истакна потребата државата да преземе целосна контрола врз пристаништето и границите, осврнувајќи се на тврдењата дека Хезболах има влијание и врз двете.

Либанската влада поднесе оставка на 10 август. Сè уште не се знае кој ќе го замени премиерот Хасан Диаб. Но, гневот на граѓаните поради корупцијата, лошото управување и политичката неизвесност расте од ден во ден.

Западните лидери најавија дека ќе испратат помош директно до граѓаните и нема да даваат милијарди долари пред да дојде до значајни реформи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.