Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи најави дека на граѓаните на САД веројатно нема да им биде потребна вакцината „Астра-Зенека“ поради тоа што има доволно вакцини од други производители.

Фаучи истакна дека вакцината против Ковид-19 на „AстраЗенека“ има добра ефикасност, но дека мора да се решат проблемите со безбедноста.

Мислам дека вакцината „Астра-Зенека“, од гледна точка на ефикасноста, е добра вакцина и доколку се отстранат безбедносните проблеми во ЕУ, ефикасноста на оваа вакцина е навистина добра. Не е јасно дали некогаш ќе користиме „Aстра-Зенека“ или не, но во овој момент се чини дека нема да ни треба. Ова не е негативно обвинение против „Aстра-Зенека“, туку едноставно тоа е можно со оглед на набавките што ги имаме од другите компании – изјави врвниот американски експерт за заразни болести.

Во време кога САД ги ублажуваат ограничувањата за Ковид-19, Фаучи изјави дека постои „навистина ризична ситуација“ кога повторно се отвориле баровите и ресторани на некои места каде што не била спроведена мерката за носење маски.

Фаучи смета дека не е време за предвремено прогласување победа со пандемијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.