Премиерите на земјите членки на ЕУ се поделени околу тоа дали да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, предлог што го изнесоа Германија и Франција, во пресрет на самитот на Унијата во Брисел.

Прeдводејќи ги разговорите со нејзините 26 колеги, германската канцеларка Ангела Меркел порача дека ЕУ треба да најде начини за влегување во директен дијалог со Русија, тврдејќи дека „конфликтите најдобро можат да се решат доколку меѓусебно се разговара“.

Другите земји, пак, се скептични кон пристапот и повикаа на внимателност.

Ние не гледаме никаква радикална промена во моделот на однесување на Русија. Ако без никакви позитивни промени во однесувањето на Русија, почнеме да се ангажираме, тоа ќе испрати многу несигурни и лоши сигнали до нашите партнери, на пример, земјите од Источното партнерство. Ми се чини како да се обидуваме да ја ангажираме мечката да го чува безбеден делот со медот – изјави литванскиот претседател, Гитанас Науседа.

ДПА пренесе дека холандскиот премиер Марк Руте порачал дека иако во принцип не е против директен ангажман со Русија, тој нема да присуствува на таков состанок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.