Европскиот парламент денеска треба да го одобри договорот за излез на Велика Британија, а земјата официјално ќе стане трета страна за ЕУ на полноќ на 31 јануари.

Гласањето на пленарната сесија во Европскиот парламент во Брисел е последниот чекор пред брегзитот. Станува збор за церемонијално гласање кое во Брисел се квалификува како историско.

Гласањето за излезот на првата земја од ЕУ е закажано за 18 часот, а на истото ќе му претходи дебата на европските пратеници за договорот за брегзит.

Европскиот парламент за 1 февруари, планира и церемонија за спуштање на знамето на Велика Британија, кое заедно со знамињата на другите земји членки се наоѓа пред седиштето на парламентот во Брисел.

Британското знаме ќе биде вклучено во колекцијата на Музејот на европската историја, сместен во близина на Европскиот парламент во Брисел.

Заминувањето на Велика Британија од ЕУ ќе го промени составот и бројот на Европскиот парламент, кој ќе падне од 751 на 705 пратеници.

Со заминувањето на 73 британски пратеници, 27 места ќе пополнат пратеници од 14 други земји членки, додека останатите 46 места ќе почекаат на претставници од идните можни земји членки

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.