Раководителот на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, порача дека има желба и цел „да го види првиот астронаут“ од Стариот континент на Месечината до 2030 година.

Целта е да испратиме астронаути на површината на Месечината до крајот на ова десетлетие – изјави Ашбахер за агенцијата во Париз.

Како што порача Ашбахер, европските астронаути „зад себе би ги оставиле првите отпечатоци од европски чевли“ на површината на Месечината, што би било од големо симболично значење.

Ашбахер смета дека целта може да се постигне и дека очекува Месечината во иднина да стане нов економски простор, но и нов континент.

Сепак, Ашбахер појасни дека нема конкретни планови за европска мисија и додаде дека тоа било важна точка за преговорите со американската агенција НАСА.

НАСА во мигов планира да испрати астронаути на Месечината до 2025 година, првпат по речиси 50 години, во рамки на мисијата „Артемис“. Според Ашбахер, ЕСА е вклучена во таа мисија.

Вклучени се и други компании, но убаво е да се види НАСА зависна од Европа како доверлив партнер… И, тоа е, секако – нашиот заеднички пат до Месечината! – изјави раководителот на Европската вселенска агенција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.