Опасноста од тероризам во Европската унија останува висока и покрај намалениот број на напади, се наведува во последниот извештај на Европол.

Во извештајот за состојбата и трендот на тероризмот на ЕУ за 2022 година (EU Terrorism Situation & Trend Report 2022 TE-SAT 2022), кој Европол го претстави денеска во Хаг, се наведува дека опасноста првенствено доаѓа од поединечни сторители со џихадистичко потекло и од екстремно десничарски екстремисти.

Според експертите, Европа е загрозена и од ефектите од војната во Украина и од противниците на мерките за спречување на пандемијата на коронавирус.

– Наодите од TE-SAT 2022 потврдуваат дека тероризмот сè уште претставува реална и присутна опасност за ЕУ, изјави извршната директорка на Европол, Кетрин Де Боле.

– Во време на геополитички промени, ЕУ треба да продолжи повеќе од кога било со своите антитерористички мерки. Европол ќе продолжи тесно да соработува со своите партнери за да одговори на предизвиците што претстојат“, додаде таа.

Во 2021 година, истражителите во земјите на ЕУ регистрираа 15 терористички напади, вклучувајќи неуспешни и спречени обиди. Според извештајот, ова е значително помалку од 57-те напади во претходната година. Околу 388 осомничени беа уапсени, две третини за осомничени дела за тероризам на џихадистите во Австрија, Франција и Шпанија. Во 2020 година имало 449 апсења, во 2019 година 723.

Според извештајот, терористичката пропаганда распространета на интернет во 2021 година продолжила да ги одразува темите поврзани со Ковид-19.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.