Пред нешто повеќе од два месеци, пред појавата на пандемијата, тогашниот француски министер за здравство тврдеше дека има голема залиха на маски за лице во земјата, но денес Франција се соочува со огромен недостаток од нив и владата очајно се обидува да се справи со тоа. Иако маските се произведуваат во четири фабрики во земјата, тие не можат да ја задоволат зголемената побарувачка, затоа Франција мора да увезува од Кина, објави новинската агенција „В4“.

„В4“ ја разгледа серијата настани што довеле до оваа ситуација. Четири фабрики произведуваат хируршки маски во моментот во Франција, но тие не се во состојба да се справат со зголемената побарувачка која изнесува 40 милиони маски неделно. За да им обезбеди соодветна заштитна опрема на здравствените работници, земјата мора да нарачува маски од Кина. Тоа е сосема спротивно од позицијата на владата пред малку повеќе од два месеци.

На 26 јануари, тогашната министерка за здравство Агнес Бужин тврдеше дека нема да има недостаток на маски во земјата во случај на епидемија. Во тоа време, во Франција имаше само три потврдени случаи.

На 19 февруари, Франција испорача 17 тони маски и друга заштитна опрема во Кина, иако бројот на пациенти се зголеми на 12, а едно лице почина. Министерството соопшти дека пратката нема да влијае на снабдувањето на француските болници бидејќи имало голема залиха на маски.

Скоро две недели подоцна, на 3 март, Емануел Макрон објави дека ги запленил сите маски во залиха и во производство во Франција за здравствените работници, практично признавајќи дека во тој момент веќе биле во недостиг. Бројот на пациенти пораснал на 212 дотогаш и четири лица починале од вирусот.

Поминаа уште две недели кога, на 17 март, министерот за здравство Оливие Веран изјави дека на залиха имаат 110 милиони маски. Тој ја оцени таа бројка како доволна, иако ги избра своите зборови повнимателно, велејќи дека ќе зависи од тоа колку ќе трае епидемијата. Во тоа време во земјата имаше 7.730 пациенти, а бројот на починати се искачи на 175.

Неколку дена подоцна, на 21 март, министерот за здравство објави дека нарачале 250 милиони маски и дека ќе бидат доставени во неколку пратки. Тој тврдеше дека има 86 милиони маски на залихи во земјата, додавајќи дека во снабдувањето биле опфатени 5 милиони маски FFP2 кои обезбедуваат поголема заштита, а се очекувало да се користат по 24 милиони маски неделно. Дотогаш, пандемијата се рашири, со 14.459 пациенти и 562 жртви.

Со зголемувањето на бројот на случаи, предвидената неделна употреба на 24 милиони маски се искачи на 40 милиони. Бидејќи производителите во Франција немаат капацитет да произведуваат толкави количини, мораше да се нарачуваат маски од Кина. Првите пратки со заштитна опрема пристигнаа на аеродромите „Чарлс де Гол“ и „Париз-Ватри“ вчера во Париз. Предвидени се четири пратки неделно, при што следната серија на заштитна опрема ќе стигне во среда. Вкупно 16 пратки се очекуваат да пристигнат во април.

Денес, Емануел Макрон го посети најголемиот од четирите француски производители на маски во Сен-Бартелеми-д’Анжу во близина на Анже. Во својот говор, францускиот претседател рече дека Франција има за цел самата да произведува доволно маски до крајот на годината, истакнувајќи дека фабриките треба да го зголемат производството за да ја постигнат оваа цел. Претседателот Макрон додаде дека ќе се формира конзорциум од компании за производство на респиратори. Конзорциумот се очекува да произведе 10.000 респиратори до средината на мај и француската влада ќе одвои 4 милијарди евра за здравствениот систем за финансирање на набавките.

Во понеделникот, 412 лица го загубија животот, со што вкупниот број на починати од вирусот во Франција достигна 3.024. Во моментов, во болниците има 21.000 пациенти, со 5.056 во критична состојба на респиратори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.