Поради активирање на уште еден отвор на вулканот Кумбре Виеја, на шпанскиот остров Ла Палма се евакуирани уште 500 луѓе, со што вкупниот број луѓе принудени да ги напуштат своите домови се зголеми на 6.000.
Појавата на уште еден отвор од кој излегува лава во зоната Таканде во општината Ел Пасо доведе до евакуација на жителите – објавија на Твитер службата за итни случаи на островот.
Вулканот на шпанскиот остров Ла Палма во Атлантскиот Океан еруптираше во неделата по седум дена зголемена сеизмичка активност.
Тој исфрла столбови од чад високи стотици метри и помеѓу 8.000 и 10.500 тони сулфур диоксид дневно, но сепак воздушниот простор не е затворен.
Компанијата „Аена“, која управува со шпанските аеродроми, објави дека се реализирани сите летови на аеродромот Ла Палма и дека за денеска се планирани уште 48 летови.
Ова е прва ерупција на вулканот Кумбре Виеја на овој остров со 85.000 жители од 1971 година. Иако во ерупцијата нема жртви, таа предизвика голема штета, протокот на лава ја запали вегетацијата, ги покри патиштата и уништи стотици куќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.