Европската унија дала зелено светло за санкционирање на „репресијата во Белорусија“.

Министрите за надворешни работи се согласија да ја санкционираат репресијата и ќе се направи список со имиња – изјавиле европски извори за „Франс прес“.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, неодамна изјави дека ЕУ темелно ќе ги разгледа односите со Белорусија и оцени дека претседателските избори во таа земја не биле ниту слободни, ниту фер.

Во 2004 година, ЕУ воведе ембарго за оружје за Белорусија и санкции за оние за кои се тврдеше дека се поврзани со исчезнувањето на противниците на долгогодишниот белоруски претседател, Александар Лукашенко.

Во следните години, ЕУ воведе дополнителни мерки против бројни лица и организации, но повеќето санкции беа олеснети во 2016 година, кога Лукашенко ослободи група на политички затвореници.

Во Белорусија на 9 август се одржаа претседателски избори, а сегашниот претседател Александар Лукашенко обезбеди нов мандат со над 80 проценти од гласовите, додека неговиот главен ривал, Светлана Тихановскаја, доби 10,09 проценти од поддршката на гласачите.

Резултатите од изборите во јавноста покренаа многу прашања и сомнежи за регуларноста и предизвикаа повеќедневни насилства и протести.

Тихановскаја, која првично одби да ги признае резултатите од гласањето, замина во Литванија и ги повика поддржувачите да престанат со демонстрациите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.