Бројот на жители во Европска Унија лани, втора година по ред, бележи пад поради последиците од пандемијата со Ковид-19, покажуваат податоците на Европската агенција за статистика – Евростат.

Во објавениот извештај на Евростат се наведува дека вкупниот број на жители во 27 земји-членки на ЕУ за една година е намален за 172.000 луѓе. На 12 јануари 2021 година ЕУ имала 447 милиони жители, додека на 1 јануари годинава регистрирани се 446,8 милиони жители.

Во извештајот на Евростат се наведува дека, втора година по ред, негативниот природен прираст не бил компензиран со позитивниот број на мигранти, најверојатно поради влијанието на пандемијата.

Демографскиот пад се објаснува главно со зголемувањето на бројот на починати, за 113.000 повеќе од 2020 година, додека бројот на новороденчиња остана речиси на исто ниво.

Во исто време, ЕУ привлекла повеќе нови жители, кои дошле од надвор, така што минатата година пристигнале околу 1,06 милиони луѓе во споредба со 800.000 кои пристигнале во ЕУ во 2020 година. Но, бројката е недоволна за да ја компензира нарушената рамнотежа меѓу смртните случаи и раѓањата (негативниот природен прираст изнесувал 1,23 милиони луѓе).

Евростат посочува дека постои голема разлика меѓу земјите-членки на ЕУ, бидејќи само десет земји на ЕУ забележале намалување на бројот на жители во 2021 година, почнувајќи од Италија, каде имало 253.100 жители помалку. Од друга страна, пораст на бројот на жители е забележан во 17 други земји, особено во Франција, каде имало пораст од 185.900 луѓе.

Со оглед на влијанието на пандемијата на Ковид-19 од 2020 година и фактот дека бројот на смртни случаи сепак треба да се зголемува поради стареењето на населението, и ако се претпостави дека стапката на фертилитет ќе остане на релативно ниско ниво, овој негативен пораст на населението (повеќе смртни случаи отколку раѓања) може да продолжи, предупредуваат експертите на Евростат.

Според нив, демографскиот пад или растот во ЕУ во иднина најверојатно во голема мера ќе зависи од придонесот на имиграцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.