Состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ и Западен Балкан ќе се одржи в среда, 6 мај, преку видео конференциска врска поради пандемијата на новиот коронавирус, соопшти хрватското претседателство со ЕУ.

– ЕУ и Западен Балкан се обединети во борбата против Ковид-19. Самитот ќе овозможи истакнување на меѓусебната солидарност и соработка во време на кризата, се наведува во соопштението, потсетувајќи дека ЕУ обезбедила 3,3 милијарди евра помош за земјите од Западен Балкан во борбата против пандемијата.

Лидерите, исто така, ќе ја потврдат перспективата на Западен Балкан и „определеноста на западнобалканските држави да се придржуваат кон европските вредности и начела“.

– ЕУ е најважен партнер на регионот на Западен Балкан, а видео конференцијата ќе го истакне значењето на заедничкиот однос меѓу Унијата и Западен Балкан, се додава во соопштението.

Учесниците на видео конференцијата ќе разменат мислења за новата фаза за блиска соработка за решавање на социо-економските последици од Ковид-19, важноста на регионалната соработка, како и начините за најдобро справување со безбедносните предизвици.

На состанокот ќе учествуваат шефови на држави или влади на земјите членки на ЕУ и на шесте западнобалкански држави – Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.