Европската унија официјално ја отфрли глобалната кампања за снабдување со вакцината „Спутник“ , прогласувајќи ја за непожелна. Сепак, далеку од очите на јавноста, Брисел ќе се сврти кон употреба на руската вакцина бидејќи мора да спроведе имунизација на 450 милиони граѓани во ЕУ и да го врати животот во нормален тек.

Официјален претставник на ЕУ, кој учествува во преговорите за набавка на вакцини со фармацевтски компании, соопшти дека владите на земјите-членки на ЕУ размислуваат да почнат преговори со производителите на „Спутник V“ врз основа на барањето на четири земји-членки.

Станува збор за Унгарија и Словачка, кои веќе набавиле руски вакцини, Чешка, која изрази интерес, Како и Италија, за која европските власти потврдија дека планира да почне со производство на вакцини „Спутник“ во својот најголем биореактор во фабриката Реи Тера во близина на Рим.

Брисел добива огромен број критики поради бавната вакцинација во рамки на Унијата, во време кога поранешната членка Велика Британија ги ублажува ограничувањата, болниците во регионот на Париз се блиску до преоптоварување, а Германија предупреди на трет бран.

Европската агенција за лекови досега одобри употреба на вакцини од четири производители, но имунизацијата во ЕУ се одвива бавно поради недостатоците во производствениот процес.

Според „Ројтерс“, доколку „Спутник“ биде одобриен и во ЕУ, тоа ќе биде голема дипломатска победа за Русија, која веќе една година е под трговски санкции од Брисел поради припојувањето на Крим и поддршката на проруските сепаратисти во источна Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.