Европската Унија и вети на Литванија помош од десетици милиони евра за решавање на мигрантската криза, за која ги обвинува соседна Белорусија и нејзиниот авторитарен претседател Александар Лукашенко.

Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, пристигна вчера во Литванија на денот кога 287 лица влегоа во земјата од Белорусија.

Тоа е провокација од режимот на Лукашенко. Мораме да покажеме дека нема слободен пристап до територијата на ЕУ – порача Јохансон.

Според неа, Литванија, ЕУ и земјите од Шенген зоната мора да спречат „нелегален пристап до таа област“.

Затоа ЕУ ја поддржува Литванија во одбраната на нашата заедничка надворешна граница со Белорусија – додаде еврокомесарката.

Од почетокот на годината, повеќе од 3.800 мигранти влегле во Литванија, наспроти околу 80 што го сториле тоа минатата година. Повеќе од две третини од мигрантите се ирачки државјани. Ирачките авиокомпании летаат со зголемен број на летови од Багдад до Минск.

Литванските власти ја обвинија Белорусија за организирано преминување на мигрантите преку границата. Властите проценуваат дека ова е акт на одмазда на Лукашенко, бидејќи многу претставници на белоруската опозиција побегнаа во Литванија по спорните претседателски избори.

Ќе испратам делегација која ќе помине неколку дена овде за детално да разговара за можноста за финансирање на добар систем за заштита на границите, кој вклучува следење и заштита од илегални мигранти – изјави еврокомесарката.

Таа додаде дека за таа намена ќе бидат издвоени меѓу 20 и 30 милиони евра.

Владата на Литванија сака да изгради физичка ограда со Белорусија, за која се проценува дека ќе чини повеќе од 100 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.