ЕУ попладнево ги одобри законските измени за ублажување на последиците од здравствената криза кај најранливите групи на населението, јави дописничката на МИА од Брисел.

Станува збор за амандмани на регулативата за Фондот за помош на најранливите категории.

ЕУ денеска на амбасадорско ниво даде зелено светло за измените.

Целта е да се олесни пристапот до овој фонд за земјите членки, како и за организациите. Околу 13 милиони граѓани во ЕУ добиваат некаков вид помош благодарение на овој фонд.

Епидемијата од Ковид-19 е огромен предизвик за нашите напори да им помогнеме на најранливите граѓани. Измените договорени денеска ќе им дадат пристап на земјите членки за поголема стапка на ко-финансирање од ЕУ буџетот и ќе овозможи да се финансира провизија на заштитна опрема за најранливите како и за оние кои ја делат помошта – соопшти Весна Бедековиќ, хрватската министерка за демографија и социјална политика.

Фондот за најранливите на ЕУ е создаден во 2014-та година како алатка за справување со екстремна сиромаштија во Унијата и бездомништво. Критериумите за тоа кој припаѓа на категоријата најранливи ги дефинираат земјите членки и партнерските организации.

Фондот располага со 2,5 милијарди евра за периодот 2014-2020.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.