Земјите-членки на ЕУ усвоија заеднички насоки што треба да се применуваат при издавање сертификат за вакцинација против Ковид-19, кој ќе се користи за медицински цели.

Целта на овие насоки е да ја поддржат интероперабилноста на сертификатите за вакцинација помеѓу земјите-членки, што значи дека содржината на сертификатите за вакцинација ќе биде уедначена и ќе претставува минимална група на податоци за секој сертификат, соопшти Европската комисија.

Во исто време, поставена е рамка што треба да ја осигура автентичноста и интегритетот на сертификатот, вклучително и безбедносните мерки и заштитата на личните податоци.

Европската комисија наведува дека е потребен заеднички пристап кон сертификатите за вакцинација и дека ќе се работи со СЗО за понатамошно проширување на оваа алатка на глобално ниво.

Интероперабилните сертификати за вакцинација ќе бидат важна алатка за граѓаните за време на пандемијата, но и по нејзиното надминување, соопшти Комисијата.

ЕК, исто така, наведува дека овие упатства главно се однесуваат на вакцинирање против Ковид-19, но може да се користат во иднина како основа за докажување на статусот на вакцинација.

Лидерите на ЕУ минатонеделната средба се договорија сертификатите за вакцинација во моментов да можат да се користат само како медицински документ и посочија дека сè уште нема дискусија за нивната можна употреба како патни исправи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.