Потресни фотографии од Нагорно Карабах денеска го обиколија светот. Жителите Ерменци од селата во овој регион вчера масовно ги напуштија своите домови, а после тоа и ги запалија. Добитокот е пуштен да се спасува, моштите на блиските се откопуваат.

Илјадници Ерменци кои со генерации живеат тука, се соочени со ваквиот егзодус поради страв од азербејџанска одмазда, не само врз нивните домови, туку и од сквернавење врз гробовите.

Дистрикот Калбаџар, кој со децении бил контролиран од ерменски сепаратисти, сега се празни откако е објавено дека од денеска Баку тука ќе ја превземе контролата.

Ова е моја куќа, не можам да му ја оставам на Турците, вели еден жител за „Гардијан“ мислејќи на Азербејџанците.

Додека зборува со новинарите, пали ќебе налеано со бензин и го фрла во празниот дом.

Имаме рок до полноќ да одиме. Ги преместивме и гробовите на нашите родители зотшо Азербејџанците едвај ќе чекаат да ги осквернават. Ова е неподносливо, додава тој.


Во судирите во Нагорно-Карабах што почнаа на 27 септември помеѓу ерменските и азербејџанските сили загинаа најмалку илјада луѓе. Досега беа потпишани четири договори за прекин на огнот, од кои најновиот беше постигнат на 10 ноември. Ерменскиот премир Никол Пашињан заедно со претседателите на Русија и Азербејџан, Владимир Путин и Илхам Алијев усвоија трилатерална изјава за прекин на огнот во Нагорно-Карахах и предавање на регионите Калбаџар, Лачин и Агдам на Баку.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев изјави дека заврши војната во Нагорно-Карабах.

Патриотската војна заврши. Азербејџан извојува брилијантна победа во оваа војна, нашите земји се ослободени од окупација, ние ги протеравме окупаторите од нашите земји, истакна Алијев.

Поради најновиот договор за прекин на огнот во Ереван почнаа протести, а демонстрантите тврдат дека е предавство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.