Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го повика новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, да посвети должно внимание на турско-американските односи.

Веруваме дека новиот претседател на Америка, господин Бајден ќе посвети должно внимание на турско-американските односи. Немаме предрасуди, непријателство или анимозитет кон никого. До денес, трчајќи се приближувавме до оние што правеа само еден чекор кон нас. Ние ја одржуваме истата искреност и оптимизам – порача Ердоган во обраќањето пред парламентарната група на Партијата за правда и развој.

Ердоган додаде дека Турција ќе продолжи да работи за мир, правда и просперитет во регионот.

Турскиот претседател додаде и дека Турција се надева дека ќе отвори ново поглавје во односите со ЕУ и САД во новата година.

Ние не гледаме на нашите разновидни политички, економски и воени врски како алтернатива на нашите добро воспоставени односи со САД. Исто така, се надеваме дека ЕУ ќе се ослободи од своето стратешко слепило што ја оддалечува Турција од Унијата – нагласи Ердоган.

На 14 декември, САД воведоа санкции за Турција поради купувањето на рускиот систем за ракетна одбрана С-400.

Американските официјални лица се противат на договорот, тврдејќи дека системите С-400 би биле некомпатибилни со системите на НАТО и би ги изложиле воените авиони Ф-35 на можна руска саботажа.

Турција нагласи дека системот С-400 нема да биде интегриран во НАТО-системите и не претставува закана за Алијансата или за нејзиното вооружување.

Турските власти повеќепати предлагаа создавање работна група за испитување на проблемот со техничката компатибилност на системите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.