Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повика на борба против исламофобијата, налик на борбата против антисемитизмот после холокаустот.

Како што се одвиваше борбата против антисемитизмот после катастрофалниот холокауст, човештвото треба со истата одлучност да се бори против омразата кон исламот, која е во пораст – изјави денеска Ердоган во говорот на отворањето на состанокот на водечката панисламска организација во Истанбул.

Состанокот на Организацијата за исламска соработка е свикан по нападот на две џамии на Нов Зеланд, во кои десничарски екстремист уби најмалку 50 верници муслимани.

Ердоган остро го осуди тој напад, по што оцени дека исламофобијата е во пораст во западните земји и ги обвини медиумите дека поттикнуваат омраза кон исламот.

Јасно е дека сме соочени со непријателство кон исламот и омраза кон муслиманите. Таа закана стана проблем со кој треба да се занимаваат безбедносните сили, лидерите и обичните граѓани – изјави Ердоган.

Тој вели дека неонацистичките групи треба да се третираат исто како што се третираат терористичките групи, како што е односот кон т.н. „Исламска држава“.

Турскиот претседател потенцираше дека солидарноста која Нов зеланд ја покажа со муслиманите после нападот треба да послужи како пример за водачите во целиот свет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.