Шведска не би требало да се труди и да се обидува во овој момент. Нема да кажеме „да“ на нивната апликација за НАТО сè додека дозволуваат палење на Куранот, кажа Ердоган. Турскиот претседател претходно сигнализираше дека Анкара би можела да се согласи на влегување на Финска во НАТО пред Шведска, а турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу даде слична изјава.

Фер пристап е да се направи разлика меѓу проблематична и помалку проблематична земја. Можеме одвоено да ги проценуваме финските и шведските пријави за НАТО ако Алијансата и тие земји донесат одлука за тоа, кажа Чавушоглу.

Односите меѓу Турција и Шведска ескалираа по палењето на Куранот пред турската амбасада во Стокхолм на 21 јануари. Анкара соопшти дека нема да ја одобри молбата на кралството за влегување во НАТО сè додека не ги исполни своите обврски од меморандумот потпишан со Турција за борба против тероризмот.

Лидерот на данското антиисламско движење Страм курс Расмус Палудан запали примерок на Куранот пред турската амбасада во Стокхолм.

Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром по повод палењето на Куранот потврди дека процесот на влегување на земјата во НАТО е прекинат, но изрази надеж дека би можеле да се договорат со Анкара на самитот на министрите за надворешни работи на НАТО во Вилнус во јули.

Претседателот на Финска Саули Нинисте истакна дека Хелсинки не ја менува политиката и дека и понатаму сака заедно со Стокхолм да влезе во Северноатлантската алијанса, и покрај фактот што Анкара го блокира процесот.

Од 30 членки на НАТО, пријавите на Шведска и Финска за членство не ги ратификувале само две – Унгарија и Турција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.