Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска, по враќањето од Сочи, изјави дека Турција ќе го плаќа рускиот гас во рубљи.

– Позитивен аспект од нашата посета на Сочи е договорот со господинот Путин за плаќање во рубљи – изјави Ердоган на новинарите по враќањето од Сочи каде што се сретна со Путин.

Двајцата претседатели се договориле испораките на руски гас за Турција „делумно да се плаќаат во рубљи“, соопшти синоќа вицепремиерот на Русија Александар Новак.

Ердоган не го прецизираше обемот на идните трансакции во рубљи.

Со месеци Русија се обидува да ја наметне сопствената валута за плаќањето на гасот поради санкциите што ги воведоа западните земји поради нејзината инвазија на Украина.

Иако брзо ја осуди руската офанзива, Турција се одлучи за неутралност и не се приклучи на западните санкции против Москва.

Во 2021 година, Русија обезбедуваше околу една четвртина од увезената нафта на Турција и 45 отсто од природниот гас.

Ердоган и Путин во Сочи се договорија и за зајакнување на енергетската и економската соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.