ЕУ никогаш нема да прифати решение со две држави за поделениот остров Кипар, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јави ДПА.

Нејзините забелешки, дадени за кипарското државно радио, уследија по состанокот со претседателот Никос Анастасијадес во главниот град Никозија.

Фон дер Лајен додаде дека таа, исто така, оваа позиија на ЕК му ја соопштила и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на телефонски повик, додаде ДПА.

По многу години бесплодни преговори, и Ердоган и Ерсин Татар, претседателот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), земја што е признаена само од Турција, побараа конечна поделба на островот во две држави: кипарски Турци на северот и кипарски Грци на југот.

Според овој план, двете земји ќе можат да соработуваат во некаква лабава конфедерација.

Кипарската грчка страна, меѓутоа, постојано ја поддржува дискусијата за федерација на две држави како решение, појаснува германската агенција.

Обединетите нации, исто така ова го побараа во резолуциите на Советот за безбедност.

Односите меѓу Турција и Кипар, земјата-членка на ЕУ, се екстремно напнати поради окупацијата на северниот дел на островот од страна на турските трупи уште од 1974 година и споровите за суверените права и енергетските ресурси на истокот на Средоземното море.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.