Кинески туристи од Вухан, кои изминатите два дена престојуваа во Хрватска и БиХ, деновиве пристигнуваат во Србија, објавја српските медиуми.

Тие на граничниот премин Дољани ќе бидат пречекани од епидемиолози од Србија, под чиј надзор ќе бидат за време на нивниот престој во Србија.

Епидемиологот на Федералниот институт за јавно здравје на Босна и Херцеговина Андреа Јуриќ изјави дека нема причина за тревога и дека нивното здравје е во ред, јави весникот Дневни аваз од Сараево.

Тие се набљудувани и надгледувани цело време во согласност со препораките на Светската здравствена организација и во согласност со босанските законски регулативи и одредби, кажа Јуриќ.

Кинеските туристи од Вухан, градот од каде започна епидемијата на коронавирус, пристигнаа на европско тло со авион во Милано, а од таму со автобус се упатија во Хрватска, БиХ, Србија.

Градот Вухан каде се појави коронавирусот е во карантин, а забраните за патување се на сила и во неколку други кинески градови. Денес овој град го посети кинескиот премиер Ли Кичијанг, кој вети дека ќе биде обезбедено редовно снабдување со храна во градот и стабилни цени.

Бројот на починати од коронарниот вирус денес се зголеми на 81 лица, а најмалку 2744 луѓе во Кина се заразени со оваа болест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.