Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска ја одобри вакцината на Фајзер против ковид-19, за деца од 5 до 11 години. Вакцината е веќе одобрена во Европската унија од мај за тинејџери на возраст од 12 до 17 години. За помладите ќе се дава како инјекција во две дози од по 10 микрограми, со разлика од три недели, препорача ЕМА.

Производителите на Фајзер вакцината истакнуваат дека таа е 90,7 отсто ефикасна во клиничките испитувања кај децата од таа возрасна група.

Дозите за возрасни се 30 микрограми.

Придобивките од Фајзер вакцината кај децата на возраст од пет до 11 години ги надминуваат ризиците, особено за оние со здравствени проблеми кои го зголемуваат ризикот од тешки последици од ковид-19, наведува ЕМА.

Конечното одобрение ќе го даде Европската комисија, која вообичаено ги следи препораките на ЕМА.

Денешната препорака јасно кажува дека вакцината БиоНТек-Фајзер е безбедна и ефикасна за малите деца и може да обезбеди дополнителна заштита“, објави европската комесарка за здравство Стела Киријакидес на Твитер.

Првите дози од вакцината за деца ќе бидат испорачани на 20 декември, изјавија од БиоНТек.

Вакцината на Фајзер за мали деца веќе е одобрена од САД, Канада, Израел, Кина и Саудиска Арабија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.