Европската агенција за лекови (ЕМА) почна да ги разгледува податоците поврзани со лекот на компанијата „Мерк“ за лекување на Ковид-19, за да може што е можно побрзо да даде мислење до здравствените власти на 27 членки кои сакаат да почнат со примена пред официјално одобрување.

ЕМА во соопштението информира дека ќе даде „препораки низ ЕУ што е можно поскоро за да им помогне на националните власти да одлучат за можна рана употреба на лекот, на пример, во итни случаи“.

Агенцијата со седиште во Амстердам ќе даде препораки додека сè уште е во тек деталната проценка на молнупиравир.

Молнупиравир е првиот антивирусен лек за Ковид кој се зема како апче, а не со инјектирање или интравенски.

Апчето против Ковид-19 на „Мерк“ чека ревизија од Американската агенција за храна и лекови (ФДА) откако покажа силни првични резултати.

Велика Британија минатата недела стана првата земја која даде зелено светло за употреба на овој лек.

Британската агенција за лекови и медицински помагала соопшти дека ја одобрила таблетата за оние над 18 години кои имаат блага или умерена форма на корона вирус и најмалку еден дополнителен ризик фактор за добивање потежок ковид, како што се дебелина, старост, дијабетес или срцева болест.

Во САД, ФДА закажа јавен состанок кон крајот на овој месец за да го разгледа молнупиравир. Компанијата во септември соопшти дека нејзиниот лек ја намалил стапката на хоспитализација и смртност за 50 проценти.

Лекот го таргетира ензимот што корона вирусот го користи за репродукција, вметнувајќи грешки во неговиот генетски код што ја забавува способноста на ширење и преземање на човечките клетки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.