Хемиски експерти и пожарникари работат на обезбедување на уште најмалку 20 потенцијално опасни контејнери со хемикалии во од експлозија разурнатото бејрутско пристаниште. Еден од контејнерите протекува, изјави член на францускиот тим.

Некои контејнери се напукнати во смртоносната експлозија која на 4 август го потресе пристаништето во главниот либански град, изјави поручникот Антони, француски хемиски експерт кој нема овластување да го соопшти неговото полно име, во склад со политиката на владата.

Француски и италијански хемиски експерти досега идентификувале повеќе од 20 контејнери со опасни хемикалии, изјави Антони.

Забележавме контејнери со ознака за хемиска опасност и тогаш видовме дека еден од контејнерите протекува, објаснува тој во интервју за Асошиејтед прес.

Експертите соработуваат со либанските пожарникари да ги осигураат контејнерите и го анализираат нивниот состав. Антони не откри за какви хемикалии станува збор, ниту изнесе повеќе детали.

Има исто така и други запаливи течности во останатите контејнери. Таму се и батерии и други видови производи, кои може да го зголемат ризикот од потенцијална експлозија, изјави Антони.

Во експлозијата минатиот вторник загинаа најмалку 220 луѓе, а повредени се околу 6.000.

Се верува дека експлозијата е предизвикана од пожар, кој ги детонирал необезбедените залихи од 2.750 тони високо експлозивен амониум нитрат, кој се чувал во пристаништето од 2013 година и покрај многубројните предупредувања за опасност.

Хемиските експерти се дел од францускиот тим кој допатува во Либан да помогне во потрагата по телата на загинатите, згрижување на повредените и расчистување на градот после експлозијата.

Заедно со нив се речиси 50 француски полицајци во Бејрут, како би се утврдило што се случило.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.