Германскиот Економски институт направи анализа според која Германија исплаќа десет милијарди долари повеќе отколку што е потребно кон малите бизниси како помош за надминување на корона кризата.

Како што објавува „Велт ам Зонтаг“, Економскиот институт, повикувајќи се на податоци од Централната банка на Германија, пресметал дека малите бизниси кои добиваат помош поради мерките за затворање во ноември и декември, претежно угостителски објекти, во повеќето случаи заработуваат повеќе средства преку помош отколку кога нормално би работеле.

Во погодените сектори, повеќе од половина од трошоците се променливи, што значи дека дел од трошоците ќе ги нема кога објектот е затворен. И покрај тоа, државата плаќа 75 проценти од прометот остварен во истите месеци минатата година – се вели во анализата на Институтот.

Економскиот институт заклучува дека цела третина од 30 милијарди евра наменети за помош на малите бизниси во ноември и декември била исплатена залудно.

Неколку други економски институти претходно бараа да им се помогне на малите бизниси преку даночни олеснувања наместо со директни финансиски исплати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.