Фармацевтската компанија „Астра Зенека“ соопшти денеска дека ЕУ го загубила правниот спор, покренат против оваа компанија поради доцнење во производството и испорака на вакцини против Ковид-19.

Во соопштението на компанијата се наведува дека Европската комисија побарала од „Астра Зенека“ да испорача 120 милиони дози вакцини до крајот на јуни 2021 година, но судот во Брисел наложил испорака на 80,2 милиони дози до 27 септември 2021 година.

Со тоа, како што е соопштено, е одбиено барањето на ЕУ за испорака на дополнително количество вакцини до крајот на овој месец.

Британско-шведската компанија претходно се обврза со договор дека ќе направи се што може до крајот на јуни да испорача 300 милиони дози за земјите од ЕУ, но проблемите со производството доведоа до тоа компанијата да ја намали својата цел на 100 милиони вакцини.

Намалувањето на испораката го одложи процесот на вакцинирање во Унијата во првиот квартал од годинава, бидејќи европскиот блок тогаш сметаше на Астра Зенека како на најголем снабдувач со вакцини.

Компанијата изрази надеж во одновување на соработката со ЕК во борбата против пандемијата во Европа.

Првостепениот суд во Брисел денеска одлучи дека фармацевтската компанија „Астра Зенека“ има рок до 27 септември да ги испорача ветените дози вакцини до земјите членки на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Станува збор за 50 милиони дози, од кои 15 милиони Астра Зенека мора да ги испорача до 26 јули во девет часот наутро, 20 милиони дози до 23 август и последните 15 милиони дози до 27 септември.

Европската Комисија ја тужи Астра Зенека за неиспорачаните вакцини предвидени во договорот склучен уште пред да бидат развиени вакцините. Поради доцнењата во испораката земјите членки на ЕУ се соочија со проблеми во кампањата на вакцинација на граѓаните.

Доколку фирмата не ги достави дозите на време ќе треба да плати по десет евра по неиспорачана доза, одлучи бриселскиот суд.

Судот оцени дека Астра Зенека направила „сериозна грешка“ со прекршувањето на договорот склучен со ЕУ и дека фирмата требала да ги вложи сите можни напори за да испочитува својот дел.

Претседателката на Европската Комисија ја поздрави одлуката на белгискиот суд.

Оваа одлука го потврдува ставот на Комисијата: Астра Зенека не ги исполни своите ветувања од договорот, добро е да се види дека независен судија го потврдува ова, изјави Урсула фон дер Лајен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.