Портпаролот на Европска Комисија, Ерик Мамер денеска изјави дека тоа што руската вакцина против Ковид-19, „Спутник V“ би можела да добие одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА) не значи дека треба да биде вклучена на листата на вакцини опфатени со ЕУ стратегијата за вакцинација.

Тој додаде дека постои јасна разлика помеѓу одобрување за употреба на вакцината во ЕУ и ЕУ стратегијата за вакцинација, преку која заеднички се нарачуваат вакцини за сите 27 земји-членки на Унијата.

Стратегијата на ЕУ за вакцинација се развива и се применува во соработка со ЕК и со земјите-членки. Тие можат да одлучат да ја интегрираат новата вакцина во постоечкото портфолио, но во моментот не се разговара за тоа, истакна Мамер.

ЕК соопшти и дека во име на ЕУ веќе склучила договори за набавка на доволно вакцини (2,6 милијарди дози од шест компании), со што би се реализирала целта – да се вакцинираат 70 проценти од Европејците до крајот на летото.

Во Брисел истакнуваат дека при одобрување на вакцините не се раководат од геополитиката, туку со проценка на квалитетот, ефикасноста и безбедноста на вакцините.

Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека почна со испитување на вакцината против Ковид-19 „Спутник V“, а руските власти соопштија дека се подготвени до јуни да обезбедат 50 милиони дози вакцини за граѓаните на Европска Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.