Европската комисија денеска предложи регулатива со нови правила за намалување на штетните издувни гасови од моторните возила наречена – Еуро 7, во која првпат се регулираат емисиите на честички и микропластика генерирани од користењето на гуми и сопирачки.

Новата норма Еуро 7 ќе ја замени претходната, која има посебни правила за емисиите од автомобили и комбиња (Еуро 6) и за камиони и автобуси (Еуро VI).

Новиот стандард Еуро 7 воведува единствен сет на правила за ограничувања на емисијата за сите моторни возила. Новиот стандард поставува исти ограничувања за емисија на штетни гасови за сите возила без оглед дали возилото користи бензин, дизел, електричен погон или алтернативни горива.

Нацрт-регулативата вклучува емисии од издувните цевки, како и од сопирачките и гумите.

Сите автомобили и комбиња кои ќе влезат на пазарот на ЕУ ќе мора да имаат нула емисии на јаглерод диоксид од 2035 година, но повеќе од 20 проценти од автомобилите и комбињата и повеќе од половина од тешките возила во 2050 година се очекува сè уште да испуштаат емисии на штетни гасови.

За разлика од моторите со внатрешно согорување, електричните возила не испуштаат издувни гасови, но сепак предизвикуваат загадување поради сопирачките и микропластиката од гумите.

Новите правила поставуваат дополнителни ограничувања за емисиите на честички од сопирачките и микропластиката од гумите и ќе важат за сите возила, вклучувајќи ги и електричните.

– Ние сме први во светот што ги регулираме емисиите од гумите и сопирачките, изјави комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон.

Новите правила, исто така, поставуваат ограничувања за емисиите за претходно нерегулирани загадувачи, како што се емисиите на азотни оксиди од тешките возила.

ЕК проценува дека емисиите на цврсти честички, кои се предизвикани од употребата на сопирачките на автомобилите и комбињата, ќе се намалат за 27 отсто до 2035 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.