Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) собра една милијарда евра помош за Украина на годишното генерално собрание неделава, соопшти претседателката Одил Рено – Басо.

Станува збор за дополнителни пари покрај двете милијарди евра од „пакетот за одржливост“, што го започна Банката на почетокот на руската инвазија врз Украина.

Донаторите изразија намера да обезбедат една милијарда евра на банката како одговор на војната во Украина, според изјавата на Рено-Басо во мароканскиот град Маракеш.

Неделава, ЕБОР прогнозира за намалување на 30 отсто на украинската економија годинава, што е повеќе од претходните проценки.

Украина проценува оти потребни се околу пет милијарди долари месечно само за да си го покрие буџетскиот дефицит.

Земјата сака донаторите да се фокусираат и на нејзиното идно закрепнување.

Во видеообраќање кон ЕБОР вчера, министерот за финансии на Украина, Сергеј Марченко ги повика меѓународните донатори да „ја зголемат максимално“ поддршката за неговата земја.

Според него, Киев може да покрие само околу 62 проценти од примарните буџетски потреби, без воени трошоци.

Украина ги повика западните држави да дадат поголема поддршка.

Американските власти во вторникот гласаа за пакет помош за Украина во вредност од 40 милијарди долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.