Повеќе од 100.000 Британци починале од ефектите на ковид-19, покажуваат денешните официјални податоци, додека владата се обидува да ја забрза вакцинацијата и да го спречи ширењето на новите соеви на коронавирус.

Велика Британија е првата европска земја што го премина црниот број и петта во светот зад САД, Бразил, Индија и Мексико.

Вкупниот број на смртни случаи е 100.162, поголем од бројот на убиени цивили во Втората светска војна и двојно поголем од бројот на убиените во нацистичките бомбашки напади во 1940 и 1941 година, иако во тоа време имало помалку жители.

Преземам целосна одговорност за сè што направи владата. Можам да ви кажам дека навистина сторивме сè што можеме, продолжуваме да го правиме тоа, минимизирајќи ги загубите на животите и страдањата, рече денеска британскиот премиер Борис Џонсон.

Тој додаде дека Британците „ќе се обединат како нација по пандемијата за да се сетат на оние што ги загубија своите животи и да им оддадат почит на несебичното херојство на оние кои се на првата линија, кои ги дадоа своите животи за да спасат други“.

Англија, најнаселениот дел од Велика Британија, повторно влезе во општ карантин на 5 јануари, затворајќи ги кафулињата, рестораните, продавниците за непотребна стока и училиштата за повеќето ученици. Воведени се дополнителни ограничувања за патувањата.

Велика Британија стана првата земја што ја одобри вакцината Фајзер во декември, ветувајќи дека ќе ги вакцинира сите над 70 години, оние кои се изложени на ризик, здравствените и социјални работници и жителите на домовите за стари и немоќни до средината на февруари.

Досега првата доза ја примиле 6.853.327 Британци, а втората 472.446.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.