Британскиот премиер Борис Џонсон денеска во Парламентот изјави дека е убеден дека го постигнал најдобриот можен договор со Брисел за излегувањето на Велика Британија од Европската унија и ги предупреди пратениците дека нема подготвеност во ЕУ за натамошно одложување.

Верувам дека ова е добар аранжман. Со овој нов договор, можностите за нови преговори, плодни преговори се исцрпени … Има многу мала подготвеност од страна на нашите пријатели во ЕУ ова да се продолжи и за еден ден, рече Џонсон.

Лидерот на опозициската британска Лабуристичка партија Џереми Корбин, пак, во Парламентот изјави дека граѓаните мора да го дадат последниот збор за излез на земјата од Европската унија и дека неговата партија нема да го поддржи договорот на премиерот Џонсон со Брисел за Брегзит.

Денешното гласање за договорот нема да биде крај за Брегзит. Тоа нема да донесе сигурност и последниот збор мора да го даде народот. Ние не можеме да гласаме за договор, кој дури е полош од оној што Парламентот трипати го отфрли, рече Корбин.

Британскиот Парламент на денешната вонредна седница ќе се изјасни за договорот со ЕУ за Брегзит, чиј краен рок е 31 октомври.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.