Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, изјави дека до есен, Британците можеби ќе имаат нов начин на лекување на Ковид-19 со земање антивирусни апчиња. Во таа насока, Џонсон најави формирање владина работна група за идентификување на најефикасните антивирусни лекови што можат да се земаат од дома.

Следејќи го примерот на истражувањата што обезбедија пристап до вакцините, работната група ќе има задача да го поддржи развојот на нови антивирусни третмани преку клинички испитувања, за да осигури дека тие можат да им бидат дадени на пациентите уште наесен.

Говорејќи на конференција во Даунинг стрит, премиерот изјави дека акцијата е замислена како „понатамошна линија на медицинска одбрана“ против корона вирусот.

Ова значи, на пример, дека ако имате позитивен тест, може да има таблета што може да ја земете дома за да го запрете вирусот и значително да ги намалите шансите инфекцијата да се претвори во посериозна болест. Или, ако живеете со некој што има позитивен тест, може да има апче што би го пиеле неколку дена за да го запрете заболувањето кај вас – изјави Џонсон.

Амбициозната цел на владата оваа година е да има најмалку два ефективни лекови – или во форма на таблети или капсули – што јавноста ќе може да ги зема дома по позитивен тест за Ковид-19 или изложеност на вирусот.

Џонсон предупреди дека повеќето научници во земјата го делат ставот дека оваа година земјата може да доживее уште еден бран на инфекции.

И затоа мораме – колку што е можно – да научиме да живееме со оваа болест, како што живееме со други болести – изјави Џонсон.

Новите лекови, најавени од премиерот, можат да помогнат во спречување на порастот на инфекции и ограничување на влијанието на новите варијанти на Ковида-19.

Министерот за здравство, Мет Хенкок, укажа на успехот на Обединетото Кралство во прелиминарното утврдување како на постоечките лекови – како што се дексаметазон и тоцилизумаб кои обично се користат за лекување на ревматоиден артритис – дека може да се користат за лекување на Ковид. Заедно со една од најуспешните програми за вакцинација во светот, употребата на лековите како дексаметазон спаси 22.000 животи во Велика Британија. Се проценува дека оваа бројка е околу еден милион во светот.

Новата работна група ќе делува покрај постојната работна група на владата, која ќе продолжи да ги идентификува и доставува третманите за кои се покажало дека се ефективни во клиничките испитувања во сите фази на изложеност на пациентите.

Во комбинација со нашата фантастична програма за вакцинација, лековите се витално оружје за да ги заштитиме нашите најблиски од овој ужасен вирус – изјави Ханкок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.