Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон денеска изјави дека ќе побара Брегзит без договор, доколку не дојде до фундаментална промена во пристапот од страна на Европската унија.

 Освен ако не дојде до фундаментална промена во пристапот, ќе одиме на Австралиското решение и треба да го сториме тоа со голема самодоверба, рече Џонсон откако преговарачите не успеаја да постигнат договор пред 15 октомври, рокот кој самиот го постави.

Џонсон рече дека Лондон треба да биде подготвен за 1 јануари 2021 година во случај да не се склучи договор со Унијата. Тој додаде дека Брисел не сака да дозволи договор како што е договорот ЕУ-Канада.

Ако ЕУ се врати „со фундаментална промена во својата позиција“, тогаш Велика Британија ќе ја сослуша, нагласи британскиот премиер. Тој предупреди дека Брисел сака да ја контролира Велика Британија на начин кој е неприфатлив за земјата.

ЕУ ќе продолжи да работи на договорот со Лондон, но не по секоја цена, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен e првиот официјален претставник на ЕУ што реагираше на пораката на британскиот премиер Борис Џонсон, кој рече дека „доколку не дојде до фундаментална промена во пристапот на ЕУ“, Велика Британија треба да се подготви на 31 декември да го заврши преодниот период без договор за идните односи.

Претседателката на Европската комисија напоменува дека преговарачкиот тим на ЕУ, како што беше планирано, следната недела ќе отпатува за Лондон со цел да ги интензивира преговорите. 

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.