Британскиот премиер Борис Џонсон е „клинички стабилен“ на Одделот за интензивна нега и реагира на третманот против компликациите што го следат Ковид-19, јавија денеска британските медиуми,додавајќи дека дека во моментов во британската јавност се нижат прашањата поврзани со функционирањето на британската Влада за време на неговото отсуство од функцијата додека е во полн ек кризата со коронавирусот.

Џонсон, кој од пред две недели е позитивен на коронавирус, во неделата беше примен во болницата „Сент Томас“ во Лондон, а во понеделникот беше префрлен на Одделот за интензивна нега, бидејќи состојбата нагло му се влошила.

Џонсон (55) вчера примал кислород, но не бил приклучен на респиратор.

Привремениот заменик, шефот на британската дипломатија, Доминик Раб, вчера изјави дека премиерот е „борец“, како и дека набрзо повторно ќе биде на кормилото на владата, во време кога нивната земја и светот се соочуваат со една од најголемите здравствени кризи во векот.

Даунинг Стрит соопшти дека Џонсон не работи, но, доколку се покаже дека треба, може да комуницира со функционерите.

-Премиерот и натаму е клинички стабилен и реагира на медицинскиот третман. Тој е во добро расположение, изјави неговиот портпарол Едвард Аргар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.