Британскиот премиер Борис Џонсон на министерски состанок го истакнал противењето на Велика Британија за гасоводот „Северен тек 2“.

Тој го нагласи британското противење на гасоводот „Северен тек 2“, кој може да ги пренасочи пратките од Украина и може да има значителни безбедносни импликации во регионот. Тој, исто така, ја повтори својата загриженост за ситуацијата на украинската граница и нагласи дека Обединетото Кралство ќе продолжи да го поддржува територијалниот интегритет на Украина – изјави неговиот портпарол.

Гасоводот „Северен тек 2“ ги поврзува Русија и Германија под вода во Балтичкото Море, и беше финансиран од рускиот енергетски гигант „Газпром“ и неговите европски партнери, и покрај противењето на САД и некои европски земји како Украина и Полска.

Гасоводот чека одобрение од германско регулаторно тело за да почне со комерцијална продажба на гас. Германската агенција за мрежни работи привремено го суспендираше процесот на издавање на дозволата бидејќи компанијата што управува со гасот не е во согласност со германските закони.

Официјална Москва посочува дека „Северен тек 2“, кој ќе го удвои капацитетот на Русија за испорака на гас преку Балтикот на 110 милијарди кубни метри, може да биде спас за европскиот пазар за гориво, соочен со недостиг и огромни зголемувања на цените.

Бидејќи „Северен тек 2“ ги заобиколува постоечките транзитни земји како Украина, со тоа ја загрозува нејзината економија која е зависна од транзитните такси.

Џонсон претходно порача дека Британија наскоро ќе мора да избере меѓу потпирањето на руските јаглеводороди и поддршката на Украина, мирот и стабилноста.

Кога велиме дека го поддржуваме суверенитетот и интегритетот на Украина, тоа не е затоа што сакаме да бидеме против Русија или затоа што на некој начин сакаме стратешки да ја опколиме или поткопаме таа голема земја – изјави Џонсон во говорот објавен од неговиот кабинет

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.