Британскиот премиер Борис Џонсон е подготвен да го прогласи понеделник за неработен ден во Англија доколку националниот тим победи во финалето на Европското фудбалско првенство во недела против Италија на стадионот „Вембли“, објавија британските медиуми.

Извор од „Даунинг стрит“ вели дека можеби е доцна да се објави слободен ден следниот понеделник, но ништо не е исклучено.

Портпаролот на Борис Џонсон изјави дека ако работодавците сметаат дека можат да ги пуштат своите вработени во понеделник, тие ќе го сторат тоа, иако е јасно дека работите зависат од дејноста на компанијата.

Владата веќе го продолжи работното време на пабовите до 23.15 часот во неделата вечер.

Сепак, снимките од полуфиналниот натпревар во средата со Данска на Вембли, со преполни трибини, предизвикаа голема загриженост во услови на пандемијата, а мерките сè уште се на сила во Англија.

Студија на Лондонскиот империјален колеџ покажува дека масовната посетеност на натпревари придонесува за зголемување на инфекциите со Ковид-19, а опозицијата побара веднаш да се објават официјалните податоци.

Инаку италијанските навивачи нема да можат да патуваат во Лондон затоа што условот е да бидат во карантин десет дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.