Американскиот претседател излезе вчера од болницата Волтер Рид, во близината на Вашингтон, по систематскиот преглед за кој на новинарите им рече дека поминал „многу добро“.
Се чувствувам одлично – изјави Бајден додека излегуваше од болницата.
Докторот на Бајден, Кевин О’Конор, во писмо од шест страници објавено од Белата Куќа соопшти детали за здравствената состојба на шефот на државата и врховен командант на вооружените сили на САД : „Претседателот останува здрав, силен, 78-годишен човек кој е способен успешно да ги извршува претседателските должности“.
Лекарот детално наведува различни тестови и рутински прегледи кои ги поминал Бајден – вклучително и колоноскопијата под целосна анестезија.
Токму поради колоноскопијата, Џо Бајден мораше, како што налага Уставот, да ѝ ги пренесе претседателските овластувања на потпретседателката Камала Харис.
Овој пренос на овластувањата траеше точно еден час и 25 минути, колку што траела анестезијата.
Камала Харис така, за кусо време, стана првата жена која имала претседателски овластувања во САД.
Бајден, кој денеска полни 79 години, е најстариот претседател на САД. Тој порано вети дека ништо нема да крие за својата здравствена состојба и редовно ќе ги објавува резултатите од систематските прегледи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.