Две силни експлозии утринава одекнаа во главниот град на Ирак по што се огласија и сирените, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Две ракети од системот „Качуша“ експлодирале во таканаречената „Зелена зона“ во Багдад, каде што претежно се сместени згради на владата и странски институции. Како што соопштија од ирачката војска, нема настрадани во најновото ракетираање.

Доцна во ноќта се огласиле и сирените кои предизвикале паника кај населението, а како што пренесуваат тамошните медиуми, една ракета паднала на само 100 метри од американската амбасада.

Засега никој нема преземено одговорност за нападот.

Како што е познато, вчера иранската Револуционерна гарда лансираше повеќе од 12 балистички проектили на две воени бази во Ирак во кои се наоѓаат американски војници.

Но, во тој случај одговорноста за нападот веднаш ја презеде Техеран од каде што порачаа дека нападите на американските бази биле одмазда за убиството на истакнатиот генерал во иранската Револуционерна гарда, Касим Сулејмани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.