Двајца противници на вакцинацијата против Ковид-19 се уапсени во Гродиск Мазовиецки во Полска кога се обидeле со група демонстранти насилно да влезат во центар за имунизација против корона вирусот.

Следувала тепачка со персоналот и припадниците на обезбедувањето во центарот за вакцинација, при што вве лица биле полесно повредени.

Добивме повик дека група луѓе се обидуваат да влезат во зградата на центарот за вакцинација. Имаше тепачка меѓу нив и персоналот на центарот. Повикавме брза помош за две лица кои беа полесно повредени. Групата демонстранти потоа заминаа. Уапсивме двајца – соопшти портпаролката на локалната полиција, Катажина Зих.

Протестите пред центарот за вакцинација биле организирани од групата Полски жолти елеци, кои се борат за слобода за сите, но најмногу за организација на антиваксерски настани, како на пример излети против вакцини.

Полскиот министер за здравство, Адам Њедјелски, минатата недела предупреди дека делта мутацијата полека ги потиснува останатите варијанти на Ковид-19 во Полска и земјата може да го очекува четвртиот бран на пандемијата на корона вирус кон крајот на летото, односно во втората половина на август.

Според министерот, најлошото сценарио повторно предвидува 10.000 до 15.000 новозаразени дневно. Полската Влада секојдневно апелира до Полјаците да се вакцинираат што е можно побрзо, а ја разгледуваат можноста за задолжителна вакцинација.

Кога луѓето не можат да бидат убедени од рационални аргументи и кога лотаријата со многу интересни награди не ги донесе очекуваните резултати, тогаш државата мора да прибегне кон други средства. Ако Полјаците не сакаат да се вакцинираат, тогаш треба да бидат принудени да го сторат тоа – истакна минатиот месец лидерот на полските владејачки конзервативци, вицепремиерот Јарослав Качински.

Во Полска досега целосно се имунизирани 44,6 отсто од населението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.