Речиси две децении откако САД извршија напади и инвазија против талибанскиот режим во Авганистан, Талибанците се пред повторно враќање на власт, овојпат преку договор за повлекување на американската војска, што го потпишаа со официјален Вашингтон во февруари.

По тој договор, тврдокорната група е, веројатно, во посилна позиција од кога било и во моментов води мировни разговори со авганистанската влада.

Плашејќи се дека Талибанците не се смениле многу од најцрните денови на нивниот радикален исламистички режим – убивање жени обвинети за прељуба, напад врз малцински религиозни групи и забрана за девојчиња да одат на училиште – многу Авганистанци се загрижени од новата ера на влијание на талибанците.

Се сеќавам на талибанскиот режим како на кошмар. Стравуваме за нашата иднина и иднината на мојата ќерка – вели Катајун Ахмади, 26-годишна мајка која живее во Кабул.

Таа се сеќава дека видела исечени раце и прсти на улиците во Кабул по ампутациите за ситни злосторства според строгиот шеријатски закон на Талибанците.

Американската инвазија во 2001 година најавуваше некои трајни подобрувања за младите Авганистанци, особено за девојчињата, и воведе Устав кој гарантира одредени слободи, вклучително и правото на образование.

Но, досега во мировните разговори во Доха, кои почнаа минатиот месец, Талибанците не одговорија речиси ништо за прашањата како што се правата на жените или слободата на изразување.

Сопругот на Ахмади, Фарзад Фарнуд (35), истражувач во Авганистанскиот институт за стратешки студии, вели дека насилството на Талибанците е во пораст бидејќи договорот меѓу тврдокорната група и Вашингтон покажал дека борците не се смениле.

Дали тоа буди надеж кај Авганистанците? Не, не го прави тоа – вели тој.

Како тинејџер, Фарзад бил сведок како Талибанци каменувале жена, како и на јавно погубување и камшикување на фудбалскиот стадион во Кабул. Неговото семејство морало да ја скрие антената на нивниот црно-бел телевизор во дрво кога талибанците забраниле музика и забава.

Сите достигнувања што ги постигнавме во последните 18 години не постоеја во ерата на Талибанците – вели тој.

Во соопштение објавено во вторникот, Талибанците тврдат дека САД „арогантно ги отфрлиле“ нивните апели за дипломатија во 2001 година и наместо тоа презеле „брутална инвазија“.

Америка, нејзините сојузници и коалиции ќе беа поштедени од срам и воени злосторства, проследени со големи човечки и материјални загуби. Ја поздравуваме можноста да се воспостави „суверена исламска влада“ – се вели во соопштението.

Зија-ул-Рахман, поранешен бунтовник, кој четири години се бори против странските трупи и авганистанските владини сили, за АФП вели дека Талибанците вршат притисок за „исламски систем“, иако Уставот на земјата веќе ја фаворизира религијата.

Немаме проблем со тоа што девојчињата се школуваат или жените работат, но тие мораат да носат хиџаб – вели тој.

Вклучувањето на САД во Авганистан се покажа болно и тешко за суперсилата, исцеди повеќе од еден трилион американски долари од нејзината каса и предизвика околу 2.400 смртни случаи во војната која Пентагон ја опиша како пат-ситуација.

Во Доха, Талибанците и авганистанската влада се обидуваат да дојдат до заеднички јазик за голем број прашања пред да можат дури и да подготват агенда за разговорите што може да траат со години.

Некои американски законодавци изјавија дека ќе се спротивстават на секој договор што не успева да ги заштити жените и малцинствата, но администрацијата на претседателот Доналд Трамп соопшти дека не сака да има многу врска со она што, според неа, ќе биде „припадност на Авганистан“

Џавед Ратмани, 38-годишен службеник за безбедност во Кабул, вели дека повлекувањето на САД неизбежно ќе доведе до преземање на Авганистан од страна на Талибанците.

Ова не се мировни разговори, туку договор за предавање на следната влада на талибанците. Луѓето се посреќни со сè што имаме сега отколку во најмрачните времиња на талибанците – вели Ратмани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.