Патниците од два лета кои утрово слетале на аеродромот Шипол во Амстердам од Јужна Африка, се задржани во авионите.

Тие се тестираат на коронавирус во врска со новиот, веројатно позаразен сој откриен во јужниот дел на Африка.

На патниците во моментов не им е дозволено да го напуштат авионот, пренесуваат медиумите.

Портпаролот рекол дека на сите ќе им биде направен ПЦР тест на аеродромот, а тестовите ќе бидат анализирани најбрзо што може.

Се очекува сите да бидат тестирани до 16:30 часот, а резултатите ќе бидат познати вечер во околу 20:30.

Во меѓувреме, патиците ќе бидат одвоени од другите луѓе во Шипол.

Како што е соопштено од управата на аеродромот Шипол, од попладне овој аеродром повеќе нема да пушта патници од Јужна Африка.

Еден од авионите слетал во Амстердам во околу 10:30 часот од Кејптаун. Вториот слетал половина час подоцна од Јоханесбург. Засега не е познато колку точно патници има во авионите.

Привремениот министер за здравство Хуго Де Јонге, во петокот наутро најавил дека Холандија ќе забрани летови од Јужна Африка од денеска напладне.

Боцвана, Есватини, Лесото, Намибија, Зимбабве и Јужна Африка се додадени на листата на многу ризични земји.

Де Јонге во петокот наутро рекол дека патниците од овие земји ќе бидат тестирани во Шипол и дека ќе мора да бидат во карантин.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.