Германскиот производител на оружје „Рајнметал“ потврди дека поради војната во Украина и најавените инвестиции во Бундесверот, годинава очекува силен раст на приходите, по стагнацијата во првиот квартал.

Нивните приходи биле на ниво на истиот период лани и изнесувале 1,3 милијарди евра. Консолидираната оперативна добивка пораснала за 10 отсто на 92 милиони евра. Нето добивката пораснала за 52 отсто на 61 милион евра. Побарувачката расте и четирикратно се зголемува во одделот за артилерија и муниција, достигнувајќи 1,1 милијарда евра, пред се благодарение на големата нарачка муниција од Унгарија, „тешка“ неколку стотици милиони евра.

Според извршниот директор, Армин Пејпергер, компанијата сè уште очекува приходите да скокнат од 15 до 20 отсто оваа година, под услов Владата да ги стави на располагање најавените 100 милијарди евра за модернизирање на Бундесверот, заедно со програма за вооружување која треба да трае неколку години.

Набргу по руската инвазија на Украина, „Рајнметал“ објави список на воена опрема, вклучувајќи тенкови, камиони и муниција, кои ќе бидат достапни релативно брзо, надевајќи се дека германската влада ќе купи барем дел од овие производи.

Со оглед на заканата од Русија, „Рајнметал“ очекува повеќе нарачки од странство. Како што наведуваат од германскиот производител на оружје, компанијата се надева дека ќе испорача оклопни транспортери „Мардер“ и борбени тенкови „Леопард“ во Украина, кои се стари, но можат да се модернизираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.